Wednesday, February 24, 2016

Бидете она што навистина сте

Секогаш правете го она што го сакате. Секоја човекова душа е различна. Секој човек, различна галаксија. Оттука доаѓа и спознанието дека сите ние имаме нешто во животот коe сакаме да го правиме. Дали е тоа некое наше хоби, некоја страст кон нешто, можеби пишувањето, цртањето, читањето книги, прошетките во природа... Секој човек треба да го негува тоа што го сака. Тоа што му е пасија, тоа што му е љубов. Никогаш не го чувајте во себе она кое сакате да го исфрлите од себе. Секогаш одвојте време за да го правите тоа што вас ве исполнува. Тоа што вас ве чини среќни и задоволни. Она што ви раѓа убави емоции. Убави чувства. Она кое ве прави среќни. Не дозволувајте никој и ништо да ве сопре во тоа. Не наоѓајте оправдание за да не го правите тоа. Туѓите убедувања полека со тек на време можат да станат и ваши. Внимавајте. Убедувања како - ти не можеш тоа да го правиш, или пак зошто сакаш тоа да го правиш, не ти е потребно тоа итн. Не потпаѓајте под било чие убедување, секогаш фокусирајте се кон тоа што сакате да го правите. Вие имате потполно и целосно право да го правите тоа што ве чини среќни. Вие не го правите тоа за другите, го правите единствено и исклучително само за себеси. Имајќи било каква пасија, страст, љубов кон нешто во вашиот живот, ја чувате вашата душа и ја одржувате во здрава и чиста ментална состојба. Луѓето сакаат да осудуваат, да бидат судии и при тоа да ви влеат недоверба, сомнеж, дали е правилно да го правите она што вас ве прави среќни. Не ги слушајте, слушајте го само и само вашиот внатрешен глас, слушајте го секогаш само вашето нефизичко, духовно јас и така постапувајте. Најдете време за себеси и секогаш правете го тоа што ве прави среќни. Тоа сте вие. Тоа е вашето вистинско јас. Секогаш имајте на ум дека тоа го правите единствено само за себе и за никој и за ништо друго. Бидете она што сте, секогаш. Бидете најдобрата верзија на себеси правејќи го она кое вие го сакате. Бидете вистинската верзија на себеси. Секогаш. Бидете она по што е препознатлива вашата душа, различна од сите останати. Бидете тоа што сте затоа што вие сте единствени и незаменливи.

Thursday, February 18, 2016

За она што сте денес

Ниедна личност во вашиот живот не е случајна. Секоја личност која ви се појавила во вашиот живот ви претставувала едно ново искуство. Секоја личност ви била едно школо плус во вашиот живот. Заблагодарете се на оние души кои повеќе не се дел од вашите животи бидејќи тие одиграле огромна улога во изградбата на она што сте денес. Кажете им ГОЛЕМО благодарам бидејќи нивното времено присуство во вашиот живот било премногу важно за вас. Од сите нив сте научиле многу низ текот на годините. Кога ќе почувствувате дека некои личности едноставно не можат да бидат дел од вашите животи, а сеуште се присутни, не реагирајте. Не превземајте никаква акција. Вие не сте на иста духовна свест. Додека вие вибрирате позитивно и имате поинакви гледања кон работите и животот, тие вибрираат сосема спротивно од вас. Не ги тргајте од себе, тие сами ќе се тргнат кога ќе ја почувствуваат вашата енергија. Заблагодарете се на сите оние личности кои продефирирале во вашите животи, а повеќе не се дел од вашиот живот. Токму тие придонеле да бидете она што сте денес. Затоа, немојте да се каете за ниедна личност која била во ваша близина. Сите тие души дошле до вас со голема причина. Да ве направат она што сте денес.

Tuesday, February 16, 2016

Мислата како решение

И кога сите бродови ќе потонат, ти помисли на брод кој плови. И кога небото ќе биде темно и мрачно, ти помисли на сино и чисто небо. И кога секој ден ќе ти врне дожд, ти сети се на сончевите зраци како ти ја топлат душата. И кога солзите не ти престануваат, помисли на насмевки, сети се какви чувства раѓа секоја една насмевка. И кога ќе ти се навртат лоши и пакосни мисли, сети се на моќта на убавата мисла и што таа носи со себе. И кога ќе те навее снег во градите, сети се на дрвјата во пролет. Почувствувај го мирисот на расцутени дрвја во пролет. И кога ќе те дуваат силни и ладни ветришта, ти помисли на виножитото. Сети се на неговиот прекрасен колорит од бои. Помисли дека тоа се појавува како знак од Бог дека е со нас. И кога тагата ќе ти стане најверен пријател, ти сети се на радоста. Помисли на радосните моменти од твојот живот. Оние моменти кои секојдневно ти се појавуваат како слајдови на бело платно кога ќе ги затвориш очите. И кога не веруваш, помисли на вербата. Сети се колку пати таа ти донела убави нешта. Помисли колку пати таа не те разочарала. И кога ти доаѓа сомнежот секој ден на врата, сети се на патоказите од Бога. Помисли колку пати ти докажал дека постои. И кога ќе посакаш да се предадеш, сети се на успехот кој го достигна при едно твое дамнешно паѓање. Секогаш кога лоши мисли ќе ти дојдат, помисли на доаѓањето на убавите мисли. Помисли на фактот дека сите убави мисли привлекуваат да ти се случуваат убави и позитивни нешта во твојот живот. ...И кога лош сон ќе ти дојде навечер в постела, ти помисли на среќните краеви во бајките. И не заборавај да веруваш во нив. Бајките навистина постојат...

Monday, February 15, 2016

За вистинската љубов

Вистинската љубов нема претходен план. Таа не се случува по испланирано сценарио. Таа едноставно се случува. Љубов не се дава со цел. Љубов не се дава за да добиеш нешто за возврат. Не се дава по претходно напишан и зацртан план. Едноставно таа се случува и секое нејзино давање потребно е да биде без никакви очекувања. Доколку давате љубов со единствена желба дека сакате да давате љубов, тоа е вистинска љубов. Не давајте љубов со очекување да примите љубов. Давајте љубов искрено, без скриени помисли, без очекувања и што е најважно без калкулации. Љубовта незнае за калкулации. За неа тоа е сосема непознато. Секоја вистинска љубов се чувствува, ја чувствува оној за кого е наменета. Таа е реална, вистинска, магична, убава, нежна, искрена и чиста. Таа не може да не е вистинска. Кога ќе ја почувствувате вистинската љубов, не се обидувајте да најдете било каква причина за да поверувате и да се убедите во спротивното. Напротив, чувајте ја и пазете ја бидејќи тоа ви е најскапоцениот Божји дар што ви е даден од Бог. Секогаш имајте на ум дека вие сте единствени, вие сте посебни, вие сте едни од оние кои ја доживеале вистинската љубов и бидете почестени и горди со тој факт. Радувајте се! Љубовта не е калкулација. Таа не се дава со цел да се добие нешто. Барем не онаа, вистинската љубов. Секој оној кој ја почувствувал, а се поиграл со неа и се дрзнал да верува во некои свои или туѓи убедувања дека таа љубов е искалкулирана, никогаш повеќе нема да може да ја почувствува вистинската љубов. Никогаш нема да може да и се приближи, да ја помириса, да ја допре, никогаш нема да ја има таа можност. Затоа, чувајте ја вашата вистинска љубов бидејќи таа е една и единствена. Неприкосновена. Цврста. Неуништлива. Допирлива. Реална. Вистинска. Чувајте ја, таа е намаенета за вас, таа е ваша љубов. Препознајте ја онаа вистинската љубов која е чиста како капка солза и чувајте ја. Ќе ви биде потребна за цел живот. Таа е само ваша. Вам ви припаѓа. Вие сте нејзин господар. Не давајте љубов за да добиете за возврат љубов. Давајте љубов, за да се чувствувате убаво. Давајте љубов за да се чувствувате вредно и исполнето. Давајте љубов зошто сакате да давате љубов. Затоа што вие тоа најдобро го умеете. Затоа што вашата љубов е една и единствена и незаменлива. Затоа што вашата љубов е бесконечна. . . . . . . .

Saturday, February 6, 2016

Моќта на благодарноста

Започнете го секој нов ден со благодарам. Секое утро нека ви биде посветено на благодарноста. Додека ги вршите секојдневните утрински ритуали, подговтовки за новиот ден, насочете ги мислите кон благодарноста. Заблагодарете се на вашето добро здравје, на вашето позитивно расположение, на се она што го имате околу себе, на сите оние личности кои ги сакате и кои ве сакаат безусловно. Кажете благодарам на сите минати убави моменти од вашиот живот кои допринеле да се чувствувате убаво и среќно. Кажете благодарам на себеси, благодарам за се што сте направиле за себе, не заборавајте дека сте направиле како најдобро сте знаеле и умееле. Се што сте направиле за вас самите, сите одлуки, постапки и дела сте ги правеле бидејќи така сте сметале дека е најдобро за вас. Бидете сигурни дека сте направиле најдобро за себе, па поради тоа кажете благодарам на себе, кажете благодарам со најголема љубов и најискрена и чиста емоција кон себе. Живеејќи го животот, преокупирани со секојдневните активности, моменти, проблеми, настани добри или лоши, убави или неубави, среќни или несреќни, забораваме да застанеме за момент и да кажеме благодарам. Благодарам за се што имам, благодарам што сум здрав, благодарам што давам и примам огромна љубов секојдневно од личностите кои ми се значајни во мојот живот. Со секое ваше благодарам, со секоја ваше искрено заблагодарување привлекувате да ви се случуваат само убави случки во вашиот живот. Благодарноста има огромна духовна моќ, моќ која преку законот на привлекување делува многу позитивно. Ветете си на себеси дека секој ден ќе го започнете со благодарам во вашите мисли кон се она што го поседувате духовно и материјално и ќе сведочите на големи позитивни промени во вашите животи. Најважно од се, ќе се чувствувате многу поисполнето, среќно и со самото тоа ќе привлечете нови и нови убави случувања како и убави емоции во вашите животи. Јас пробав, пробајте и вие. :)

Tuesday, February 2, 2016

Јас и Вортекс

Дали верувате во законот на привлекување? Сигурно сте слушнале дека сличностите се привлекуваат. Спорeд законот на привлекување, сето она што го мислите ви се случува и ќе ви се случува. Ние сме енергетски битија. Нашата вибрација испраќа сигнал во Универзумот. Се е во мислата. Секоја наша емоција секогаш е создадена или родена од некаква претходна мисла. Така, ако мислиме на неубави работи и случувања од нашиот живот, ние ќе се чувствуваме лошо и со самото тоа ќе привлечеме нови лоши чувства. Доколку сфатиме дека се е до мислите, доколку сфатиме дека ние сме сами креатори на нашата сегашност, на нашиот момент сега, тогаш ќе обрнеме внимание и ќе почнеме да ги контролираме и избираме своите мисли. Зарем не сте почувствувале дека кога сте среќни, исполнети, позитивни, кога сте расположени, со тоа привлекувате нови убави случки, позитивни вибрации и тоа се се привлекува едно со друго. Можете да го тестирате овој закон и на себе. Законот на привлекување постои и дејствува без разлика дали ние веруваме или не во него. Доколку во текот на денот развиваме само добри мисли, позитивните емоции ќе излезат на површина и ќе преовладуваат целиот тој ден. Кога ќе ви се роди лоша мисла, пресечете ја во рок од 16 секунди и веднаш фокусирајте се на нешто друго, на нешто што ќе ви разбуди убави чувства, вашиот фокус преку мислата нека бидат очите на вашето дете, неговата топла прегратка, прегратката и љубовта која ја чувствувате од вашиот партнер, љубовта од вашиот миленик. А доколку допуштите лошите мисли да останат и преовладеат, тогаш бидете сигурни дека на нив ќе се налепат нови илјадници лоши мисли, впрочем сличностите се привлекуваат нели? Во текот на денот е докажано дека човекот има 60 илјади мисли, па затоа и не обидувајте се да ги контролирате сите, доволно е само да го научите и да верувате во овој закон како би можеле да бидете самите креатори на вашата сегашност. Вие сте креатори на вашиот живот. Вие го имате искреирано сето она што до сега сте го искусиле во својот живот. Секој оној што го почувствувал на себе овој закон и секој оној кој длабоко верува во него, може да ја сфати големината на моќта на нашите мисли. Затоа, нека преовладуваат само добри мисли кај вас бидејќи тие добри мисли, убави и позитивни ќе ви родат убави емоции, а преку раѓањето на ваквите емоции вие ќе се чувствувате среќни и исполнети и со тоа ќе привлечете нови добри убави и позитивни случувања во вашиот живот.

Saturday, November 7, 2015

Зборови

Зборови...Секој час, секој ден, секој момент... Убави...Неубави...Вистински...Лажни... Иронични...Цинични...Пакосни...Љубовни...Нељубовни... Немирни...Спокојни... Еден кажан збор, цела една приказна... Приказна со убави емоции, приказна со различни чувства... Приказна добра, приказна лоша... Колку може зборот да боли? Од каде му нему таква огромна моќ да може и умее да ни роди лоши чувства, немирни, неспокојни... Па зарем зборот е посилен од нас? Зарем смееме да му ја овозможиме таа негова благостстојба на создавање пакост кај другиот? Не. Ние сме посилни од него. Нашето јас како висока планина, а зборот како ниска трева.
Зборови... Има зборови кои не болат... Не болат оние зборови кажани од личности кои не се дел од нашиот прекрасен, шарен мозаик наречен живот. Колку и да се злобни, пакосни, лоши, гнасни, не болат. Не допираат до нашето духовно јас. До она јас кое со гордост го чуваме и го носиме цел живот. Немаат моќ ни да се приближат со својата грдотија. Се одбиваат како две различни карпи, едната со една своја неприкосновена и недопрена убавина, а другата со својата гнасна, мрачна и подла грдосија. Зборови...кажани...некому, некогаш...некаде... Ќе останат само зборови кои ќе се меморираат во нас, ќе останат само како зборови кои не ја исполниле својата мрачна мисија... Зборови...Празни... Тишина...Молк...Зборови празни... Кажани некогаш...некому...некаде. Зборови... Празни.